МК | SHQ | EN
 

Отворена линија за граѓаните - Опис и цели

Во изминатата декада, Република Македонија спроведува исклучително комплексен процес на децентрализација кој е
значаен за развојот на државата. Процесот резултираше со пренесување на голем број на надлежности на единиците на локалната самоуправа додека надзорот и следењето на спроведувањето на пренесените надлежности е во надлежност на Министерството за локална самоуправа.

Министерството и Инспекторатот за локална самоуправа не располагаат со алатки за редовно и навремено обезбедување на мислења и сугестии на граѓаните за работата на општинските совети и за испораката на локалните услуги и од таа причина не се во состојба да обезбедат ефикасен одговор на истите.

Со цел да се надмине оваа состојба Министерството за локална самоуправа и Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации во Скопје подготвија проект „Инцијатива за децентрализација низ одговор на граѓаните“.

Како прв чекор за подобрување на пристапот за следење, надзор и превземање на конкретни акции, Министерството за локална самоуправа воведува систем со отворен телефон за граѓаните и интерактивна веб платформа за поддршка. Системот овозможува граѓаните да известуваат за проблемите поврзани со одлуките на општинските совети и испораката на локалните услуги а истовремено надлежните власти да се фокусираат на решавање на истите.

Се очекува преку функционирањето на овој систем, Министерството за локална самоуправа да добива директни и навремени информации од граѓаните и на тој начин да се обезбеди навремена реакција на појави поврзани со недоследно спороведување на со закон утврдени процедури од страна на локалните власти како и недоволно ефикасна испорака на критичните локални услуги. Истовремено системот овозможува да се вкрстат информациите добиени од граѓаните со информациите на институциите.

Овој интерактивен систем ќе овозможи популаризација на локалните самоуправи и истите ќе ги доближи до граѓаните. Истовремено за првпат во Република Македонија ќе се овозможи на граѓаните да пријават определено незадоволство од одлука на општински совет за која сметаат дека им нанесува определена штета.

Отворената линија за граѓаните и интерактивната веб платформа претставуваат систем сочинет од следниве структурни елементи:

    • Простор за известување од страна на граѓаните по однос на влијанија од донесени одлуки од страна на општинските совети
    • Простор за повици од страна на МЛС до граѓаните за размена на идеи, подготвка на проекти од страна на заедниците, размена на информации, решенија на одредени проблеми (crowd sourcing)
    • Простор за дебата за прашања поврзани со локалните услуги – дебатен форум
    • Простор за мерење на задоволството на граѓаните од квалитетот на локалните услуги (кус и подолг прашалник)



Loading





СЛЕДЕТЕ НЕ НА
Facebook   Twitter
РАЗГОВОР НА ТЕМА     |     ЛИНКОВИ     |     НПП     |     АНКЕТИ    
© Copyright 2012 | Министерство за локална самоуправа | Сите права задржани| Powered by EntireLogic